Бронхопнеумонија


Временските прилики во овој период од годината  преставуваат иницирачки фактор кој има тенденција да предизвика нарушување на здравјето на домашните миленици. Умерено топлиот ден и релативно ладните ноќи создаваат поголема температурна скала која сигурно стресно влијае на животните. Домашните миленици кои живеат надвор-внатре се повеќе подложни на заболување отколку тие кои се на постојана природна температура. Како предиспонирачки фактори сигурно се и неадекватните услови на чување. Ладни и влажни бетонски простории без вентилација (гаражи, визби,,подруми) како и темни простории во кои многу малку навлегува сончева светлина. Освен сместувањето, недостигот на квалитетна исхрана сериозно го ослабува организмот што дополнително ја засилува агресивноста на заболувањето. Кај сериозната инвазија со паразити од родот на валчестите црви (глисти) еден период од нивниот развој тие престојуваат во белите дробови и причинуваат т.н. верминозна бронхопнеумонија. Од искуството на нашата амбуланта се забележува  дека кучињата кои имаат чуварска намена и се чуваат во работилници и сервиси (автолакерски, браварски, лимарски ) односно секаде каде има ослободување на неприродни гасови (испарувања од бои и лакови, масла,хемиски материи, чад и др). Освен горенаведените причини,  примарно дејство за појава на ова заболување е поголемата група на причинители од бактериско, вирусно или габично потекло.

Како ке приметите дека вашето куче има бронхопнеумонија?

Сериозното влошување на здравјето сигурно е видлив симптом при што се приметува зголемување на телесната температура за еден или два степени, потполно одбивање на храна, апатија и целосно повлекување без интерес и желба за игра. Жедтта е поизразена. Дишењето е забрзано и стомачно со плитки издишувања и вдишувања. Кашлањето не мора да биде зачестено но е длабоко и не толку болно. Како одговор на организмот се јавува засилено лачење на секрет кој тече од носот и во зависност од стадиумот има различна боја од жолтеникав, зелен до темно кафеав. Неспособноста на доволно искашлување поголемиот дел од секретот го голтаат па за кратко време се јавува рефлекторно повраќање на содржината на желудникот со што додатно се истоштува организмот . Подолготрајното кашлање може да предизвика и астма. Ваквата состојба на организмот има потреба од  брза ветеринарна интервенција . Лекувањето е комплексно и подолго .Освен терапијата како потпора сигурно е корекција на начинот на сместување. На болниот пациент сигурно треба да му се обезбеди сместување на суво и топло место доволно проветрено и со оптимална експозиција на сончева светлина.

Исхраната треба да се насочи кон лесно сварливи варива од посно пилешко месо, риба, ориз, млеко и млечни производи.

Кај младите кучиња кои се заболени од бронхопнеумонија потребно е во исхраната да има и поголемо количество на минерални-витамински материи кои помагаат во брзато оздравување.