Бубрежна инсуфициенција


БУБРЕЖНИ ЗАБОЛУВАЊА

Заболувањата на урогениталните органи преставуваат сериозен проблем за домашните миленици. Како проблем тие се неприметни барем во почетокот ,па дури шокантно делува кога докторот по ветеринарна медицина при рутинскиот преглед на домашниот миленик ќе утврди дека пациентот има сериозен проблем со урогениталниот апарат. Според утврдени статистички податоци, бубрежните заболувања кај кучињата  се толку чести колку што се чести и проблемите на кардиоваскуларниот систем кај човекот. Секојдневното клиничко искуство ни наложува  да потврдиме дека бубрежните заболувања секогаш се одговор на низа пореметувања на организмот:

-прележани заразни заболувања (парвовироза, заразна жолтица, дрвен бес, лептоспироза)

-преживеани труења со хемиски и органски материи (хцх, органофосфорни, арсенови препарати, тешки метали како олово и жива)

-присуство на постојани жаришта во организмот (тонзилитис, ангина, расипани заби)

-употреба на лекови без стручна консултација или препорака

-неадекватна исхрана

Љубовта кон домашните миленици не се изразува со тоа што ќе го поделите својот дневен оброк со вашето куче. Многу нешта од човечката исхрана не се храна за кучињата. Нитратите и нитритите се материи кои се употребуваат во месната индустрија за конзервирање и подобрување на својствата на сувомеснатите производи. Чоколадото, поточно какаото, содржи една супстанција по име теобромин кој буквално го бомбардира гломерулот (ситото ) на бубрегот при што му причинува трајни оштетувања.

Бубрезите имаат пресудна улога во одржувањето на  балансот на водата, метаболичките продукти и воопшто за состојбата на организмот. Врз основ на кој дел од нив се забележуваат патолошки промени разликуваме три основни заболувања: гломерулонефритис, интерстицијален нефритис и пиелонефритис. Спрема времетраењето тие можат да бидат акутни и хронични.

Клиничката слика кај акутниот нефритис е невеселост, апатија, отсуство на апетит, повраќање, дијареа.Телесната температура е зголемена и движењата на кучето се проследени со болка. Ставот на телото е подгрбавен. Кучето пие поголемо количество на вода од вообичаеното а урината во почетокот има црвеникава боја што укажува на повреда на бубрежните капилари. Хроничната форма на бубрезите потенцира целосна истоштеност на организмот со слабеење и специфичен мирис од устата. При лабараториското испитување на крвта биохемиските параметри на уреата (нормално кај кучиња е 3,33-6,66 ммол/лит)  и креатининот (нормално кај кучиња е 75-114 ммол/лит) се зголемени неколку пати. Секогаш кога уреата е поголема од 28-33 ммол/лит  кучињата се депресивни и сонливи. Ако овој параметар е над 50 ммол/лит пациентот паѓа во уремична кома.

Терапијата при лекувањето на бубрежните заболувања е многу сериозна и секогаш треба да е во корелација на точно утврдена дијагноза.Таа се базира на намалување на овие параметри преку давање на лекови и корегирање на исхраната која не смее да содржи протеини (месо и производи од месо) и масти. Оброците треба да се богати со јаглени хидрати (леб, тестенини, качамак) овошје и ферментирани млечни производи (јогурт, кисело млеко, урда).

За жал надвор од нашата држава не постојат центри за хемодијализа која во западните земји се користи повеќе години. Со ваквиот начин на терапија сигурно се продолжува животот на домашниот миленик.