Бабезија 


Бабезијата  причинува сериозни анемии

Надворешни паразити кои инвазивно го оштетуваат здравјето на вашиот миленик сигурно се крлежите кои оваа сезона ги има во значително поголем број затоа што пролетта  зад нас беше со влажна и релативно потопла почва што е вистинска мека за овој паразит.

Крлежите се едни од највидливите паразити на кожата на кучињата.Кога се нацицани личат на помало зрно грашок кое е цврсто закачено на кожата. Неговата глава е цврсто набиена под кожата преку која со помош на апаратот за цицање се храни од неговиот домаќин. Самиот крлеж не преставува сериозна опасност за кучето (сигурно сте ги виделе големиот број крлежи на кучињата скитници низ градот). Инвазијата од крлежи може да причини низа заболувања но сепак најсериозна е опасноста на “заразениот крлеж”.

Некои крлежи можат да се инфицираат од еден мал (интрацелуларен) паразит од родот на протозои (клеточни паразити Бабезии) кои ја причинуваат болеста бабезиоза кај кучињата.

Извор на зараза се заболени кучиња. Кога крлежите ќе се закачат на кожата  на заболеното куче тие цицајќи ја крвта во себе примаат бабезии кои подоцна се пренесуваат и на потомството на инфицираниот крлеж.

Значи  може крлежот да биде заболен без да имал контакти со заболено куче.

Во нашата држава оваа болест е доста раширена  и најчесто заболуваат ловните, овчарските раси на кучиња а не се ретки и случаите кај домашните миленици.Неретко заболуваат и луѓето кои имаат непосреден контакт со овој паразит (ветеринарните работници,одгледувачите на расни кучиња и др)

Откако ќе се закачи на кожата на кучето, инфицираниот крлеж преку својот апарат за цицање на крв инокулира во организмот на кучето трофозоиди (преодни форми во развојот на  паразитот-Бабезиа кои  се сместуваат во црвените крвни зрнца и за кратко време го уништуваат. Ваквата состојба резултира со појава на анемија.

Како ќе препознаеме дека домашното милениче има  проблеми настанати од бабезија?

    а) Одбивање храна и кучето повеќе лежи

    б) брзо се заморува и на најмала активност

    ц) Бојата на урината е темно кафена до црна боја

    д) Забрзано дишење

    е) Видливите слузници на коњуктивите се или порцеланско бели или пожолтени

Доволни се 3-5 дена да се забележат промените на слузниците на кучето како ја менуваат бојата станувајки бледи. Високата температура 41,5 С секогаш ја следи апатичнос, невеселост, одбивање храна и воопшто комплетната влошена слика на организмот. Бидејќи болеста се развива  преку распаѓањето на црвените крвни зрнца голем дел од хемоглобинот кој е составен дел на еритроцитите станува слободен. Црниот дроб  се обидува да го складира но голем дел од хемоглобинот се излачува преку урината,па така таа добива  жолтеникаво сива, портокалова, темносива па дури и црна боја.

Освен овие клинички знаци овој паразит за време на својот развој ослободува и токсини кои дирекно делуваат на ослабување на срцевиот мускул па се јавува и срцева слабост, тешко дишење кое е плитко и забрзано. Овие симптоми се сериозен сигнал да се побара стручна помош.

Решавањето на проблемот со бабезиозата кај кучињата треба сериозно да се пристапи. Дијагнозата се поставува врз основ на клиничката слика и лабараторискиот наод на крвен размаз. Крвниот размаз се прави од крв земена од капиларниот крвоток (најчесто од ушната вена). Позитивната дијагноза носи соодветна терапија која обезбедува оздравување на пациентот. Секој оздравен пациент е имун на повторно заболување од бабезиоза  околу 2 години. Секако како потпорна терапија е вклучено и збогатување на исхраната со материи за обнова на крвта.

Најзначајна е превенцијата .Борбата против надворешните паразити е исклучително тешка. Најважна е упорноста и редовните третмани на обезпаразитување кај домашните миленици. На пазарот постојат многу  средства кои имаат краткотраен (шок) ефект и служат за капење на веќе инвадираните кучиња или постојат средства кои обезбедуваат подолготрајна заштита (инсектицидни каивчиња, ампули и др).

На крајот би ја спомнале секојдневната контрола на сопствениците на кучињата кои можат преку игра или преку секојдневните хигиенски навики (тимарење, чешлање) да вршат контроли на своите миленици.